Предлогот за новиот состав на Владата ќе биде доставен до Собранието најдоцна до 1 јули, најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека претстојната реконструкција нема да се однесува само на министерските функции, туку ќе опфати и промени на директорски позиции во институциите.
Според најавите, Владата подготвува поширок кадровски зафат со цел да се зголеми ефикасноста на институциите и да се направи оценка на досегашните резултати на носителите на јавни функции. Покрај министрите и замениците-министри, на удар на анализите ќе бидат и директорите на државните институции и јавните претпријатија.
Мицкоски посочи дека промените ќе се темелат на постигнатите резултати и исполнувањето на поставените цели, додавајќи дека секој функционер ќе биде оценуван според својата работа. Токму најавата за директорските позиции претставува еден од клучните сегменти на претстојната реконструкција, бидејќи сигнализира дека кадровските промени нема да останат само на политичко ниво, туку ќе навлезат и во раководните структури на институциите.
Се очекува во наредните денови да бидат финализирани разговорите во рамки на владината коалиција, по што предлогот за новиот владин тим ќе биде доставен до пратениците. Засега не се откриваат конкретни имиња на функционери кои би биле разрешени или заменети, но премиерот најавува дека јавноста наскоро ќе ги дознае деталите за кадровските промени.
Реконструкцијата доаѓа по една година од мандатот на Владата и, според најавите, треба да претставува можност за освежување на тимот и подобрување на перформансите на институциите во периодот што следува. Најголемо внимание, сепак, привлекува најавата дека покрај министрите, промени ќе има и на директорските позиции, што би можело да значи поширока реорганизација во државната администрација.

