Во септември 1974 година, кога Пол имал само четиринаесет години, неговата мајка Ајрис се срушила на погребот на нејзиниот татко. Причината била пукање на мозочна аневризма. Ја однеле итно во болница во Даблин, но никогаш не се опоравила. Три дена подоцна починала. Нејзината смрт го скршила семејството Хјусон. Пол, неговиот постар брат Норман и нивниот татко Боб останале во куќа која повеќе не личела на дом. Тагата не се изговарала, а тишината станала начин на живеење.

Подоцна, Пол ќе напише дека по смртта на мајка му, за неа повеќе никогаш не се зборувало. Три ирски мажи, затворени во гнев и меланхолија, неспособни да тагуваат на глас, неспособни да ја именуваат болката што ги разјадувала. Пол станал бунтовен, лут и изгубен во сопствениот свет. Тогаш се појавила Али. Таа била девојката која гледала подалеку од неговата дрскост и немир. Таа била стабилна точка во време кога сè околу него се распаѓало. Нивното пријателство растело бавно, природно, без притисок, додека еден ден не преминало во нешто повеќе. Во 1976 година, кога и двајцата имале шеснаесет години, тие станале пар.
Истата година, Пол и група пријатели од училиштето формирале бенд во училишната сала. U2 сè уште не постоеле како што ќе станат подоцна, но токму таму, во тие први обиди и проби, започнала нивната приказна.
Али била таму уште од самиот почеток — не како дел од бендот, туку како некој што верувал во него кога сè уште ништо не било сигурно. И од тие скромни почетоци, од тишина, болка и младешка упорност, започнала приказната што подоцна ќе стане U2. Пол, во светот познат како Боно, и Али се венчале во 1982 година и останале во брак и до денес. За многумина тоа е реткост во светот на рок-музиката, каде што славата често ги разединува луѓето наместо да ги спои. Но нивната приказна останала постојана нишка низ сите промени — од малите сцени во Даблин до огромните стадиони ширум светот.
За неговата мајка пак, напишал четири песни: I Will Follow, Lemon, Mofo и Iris (Hold Me Close). Сите се најдоа на U2 Топ 20.
В.К.

