За да не се мачат неговите сожители и да пешачат по 700 – 800 метри за да стигнат до продавница, тој зел позајмица од негов пријател и им изградил мост. Приказната која пред четири години ни ја раскажа Тони Димовски од Зелениково се уште го предизвикува интересот на јавноста, и буди восхит, радост и надеж дека со лична иницијатива може да се направи вистинска промена.
-Кога станав советник во Општина Зелениково од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, првото нешто кое си го ветив беше дека нема да бидам како другите, ќе бидам поразличен, за да ме памтат и спомнуваат луѓето по убави нешта. Порано на истото место имало мал дрвен мост. Преку него луѓето минувале за побргу да стигнат до продавница. Без мостот, требаше да свртат круг преку главната улица, и да пешачат околу 700-800 метри само во еден правец.
Јас не би сакал никого да обвинувам од локалните власти зошто не се направил тој мост порано. Не можам да кажам дека претходниот градоначалник не го направил затоа што изгубил, а дали им ветил- не знам. Сегашниот, само што дојде на функција, ќе го правеше, но требаше да помине време, па затоа решив на своја одговорност да им излезам на луѓето во пресрет, бидејќи мостот навистина им беше неопходен, ни раскажа Димовски набргу по изградбата на мостот. Појасни дека за да го направи мостот зел позајмица од негов пријател, и не откри колку точно изнесувала изградбата, но кажа дека сепак не било евтино.
-Пред нова година беше, првин на луѓето не им се веруваше дека ќе имаат мост. Дојдов, го истоваривме железото, и започнавме да го склопуваме на самото место. Кога веќе беше завршена работата, беа пресреќни, добивам само пофалби – ни раскажа пред четири години Димовски, а неговата приказна е потсетник дека хуманоста и грижата за другите можат да бидат посилни од личниот интерес и дека еден човек може да придонесе за подобар живот на целата заедница.
В.К.

