СВР Охрид, во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот во Охрид, ја започна превентивната кампања „Вози тротинет безбедно“, чија цел е зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Во рамки на кампањата, полициски службеници од Отсекот за превенција, заедно со претставници од Советот, на повеќе локации низ градот остварија непосредни средби со корисниците на електрични тротинети. Тие ги информираа граѓаните за правилата и прописите за безбедно управување со тротинети, како и за новините во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на ова превозно средство.
На возачите на електрични тротинети им беа поделени едукативни материјали со насоки и препораки за одговорно однесување во сообраќајот, со посебен акцент на почитувањето на сообраќајните правила и законските обврски.
Од СВР Охрид посочуваат дека преку ваквите превентивни активности се работи на подигнување на сообраќајната култура, поголема информираност на граѓаните и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди и повреди при користење на електрични тротинети.
Кампањата „Вози тротинет безбедно“ ќе продолжи и во наредниот период, со цел унапредување на безбедноста и создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот.

