-Таа беше мојата месечина… Тој ден отидоа со внучето и девојчето на девер ми кај лулките. Си купиле кифли, ми се јави, и и кажав да не седи многу. Ми рече добро, ми мавна со рака и ми кажа – Чао мамо. По некое време се јави девојчето на девер ми, да земам здравствена книшка и со такси да одам во болница, бидејќи ќерка ми била цела со крв. Кога дојдов и ја видов Назире, знаев дека девојчето ми починало. Барам правда, од таа лулка сама не може да падне и да почине. Таа лулка треба голем човек да ја лула, за да се случи тоа! Барам да се најде човекот, раскажува за Рома Прес Зуфа Шерифи, мајка на 14-годишната Назире од Кавадарци, која на 9 јули била донесена без знаци на живот во болницата во Гостивар.

Според првичните сознанија објавени од страна на МВР, малолетничката паднала од лулашка во паркот во Гостивар, по што била итно пренесена во Медицинскиот центар Гостивар. Во 20:55 часот, дежурен лекар ја констатирал нејзината смрт.
Во своето видео обраќање за Рома Прес, мајката вели дека мора да се дознае вистината за смртта на нејзиното дете и да се открие кој е човекот кој ја лулал.
-Бев во полиција, ми рекоа дека треба да се проверат камерите. Што побргу нека се проверат, ја бараме вистината, полно камери има околу лулките! Дали се земени отпечатоци од прсти? Се извршил увид на местото, имало многу крв, а не ги зеле забите, четири заби од таму ми ги донесоа соседите. Не барам ништо, никаква отштета, само да се најде кој ја лулал и да оди доживотно во затвор! Го барам човекот и се молам што побргу да се најде! Ми ја зеде мојата месечина, мојата ѕвезда, низ плач раскажува мајката.
Како потсетување, по настанот од Министерството за внатрешни работи соопштија дека бил известен јавен обвинител, кој наредил телото на починатата да биде предадено на обдукција. По целосното утврдување на причините и околностите под кои се случила несреќата, од надлежните институции се очекува да соопштат повеќе детали.
Фото: Скриншат Рома Прес

