Земјоделците ќе можат да поднесуваат барања за субвенции за 2026 година веднаш по завршувањето на финалните тестирања на новиот софтвер на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, на собраниската седница информираше дека системот за електронско аплицирање е во завршна фаза на проверка и наскоро ќе биде пуштен во употреба.
„За да не биде оштетен ниту еден земјоделец, рокот за аплицирање е продолжен до крајот на септември, а системот ќе биде отворен многу скоро, веднаш по завршувањето на финалните тестирања“, изјави Хоџа.
Тој посочи дека со новиот систем ќе се овозможи непречено поднесување на барањата за субвенции, а продолжениот рок треба да обезбеди сите земјоделци да имаат доволно време за аплицирање.
Хоџа одговори и на прашања поврзани со исплатата на тековните субвенции, при што информираше дека средствата ќе се обезбедат по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, кој е во собраниска процедура.
Со ребалансот, како што наведе, ќе се обезбедат средства за исплата на субвенциите за млеко, обележани говеда, пченица, други житни култури и поледелски култури.
ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА АПЛИЦИРААТ ЗА СУБВЕНЦИИ НАСКОРО, А РОКОТ ЌЕ БИДЕ ДО КРАЈОТ НА СЕПТЕМВРИ
1 Min Read

