-Јас имам здраво семејство, туѓите деца не се мој проблем! Јас правам музика за возрасни. Вие како родители, воспитувајте си ги децата како сакате. Тоа не е моја работа. Дали лошо влијаам, поради тоа што сум семеен човек, имам жена и дете? Затоа што имам добра кола, живеам како Бог? Јас би сакал моето дете да биде успешно како мене, кажа контроверзниот изведувач Десингерица за српски Информер пред неколку месеци, кога во јавност беше актуелно барањето за забрана на негови настапи во Бања Лука.
Деновиве пак, во Црна Гора е покрената петиција со која се бара забрана на неговите настапи, по реакциите од дел од јавноста за неговото несоодветно однесување на сцената.
Според тамошните медиуми, повод за иницијативата биле неговиот настап во Будва и одредени сцени за време на концертот, кога им ги бричеше главите на дел од присутните. Исто така, критиките се однесуваат и на начинот на кој изведувачот комуницира со публиката и содржините што ги прикажува на сцената.
Иницијаторите на петицијата сметаат дека ваквите настапи можат негативно да влијаат врз младите и бараат реакција од надлежните институции. Во исто време, дел од јавноста смета дека станува збор за сценски израз и дека одговорност имаат и организаторите на настаните, како и самата публика.
Засега нема официјална одлука за забрана на настапи или влез на изведувачот во Црна Гора. Петицијата претставува граѓанска иницијатива која предизвика голем број реакции и дебати во јавноста.
Случајот повторно ја отвори темата за границите на сценскиот настап, влијанието на популарната култура врз младите и улогата на организаторите при изборот на музички изведувачи.

