Владата на денешната седница донесе одлука за изменување на одлуката за продолжување на рокот на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Според одлуката, кризната состојба ќе биде продолжена за уште три месеци, односно од 21 јули до 20 октомври. Од Владата соопштуваат дека со ова се обезбедува континуитет во институционалното постапување и можност за навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.
Како што наведуваат, целта на продолжувањето на кризната состојба е Владата да располага со правен механизам за брза и ефикасна реакција, со што би се зачувала стабилноста во снабдувањето, би се ублажиле последиците од евентуални пазарни нарушувања и би се заштитиле интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
Од Владата додаваат дека и натаму ќе ги следат состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжат да носат навремени и соодветни мерки со цел да се обезбеди сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати.
По завршувањето на владините процедури, одлуката ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.
Previous ArticleМЕРИЛИН МЕНСОН СО МРАЧЕН ШОУ-СПЕКТАКЛ ЈА ОСВОИ АРЕНАТА ВО ЗАГРЕБ
Next Article ,,МИТОТ ЗА АМАЗОНКИТЕ” ВЕЧЕРВА НА ,,ОХРИДСКО ЛЕТО”

