Основниот суд во Гевгелија му изрече доживотна казна затвор на 40-годишниот Петар Станковски од Богданци, кој беше прогласен за виновен за кривичното дело „убиство на свиреп начин при семејно насилство“.
Од Судот соопштија дека обвинетиот на главната расправа ја признал вината, а судскиот совет донел одлука да му биде продолжен притворот сѐ до правосилноста на пресудата. Пресудата е првостепена и против неа е дозволена жалба.
Според обвинението на Основното јавно обвинителство Гевгелија, трагичниот настан се случил на 11 јануари 2026 година, околу 21 часот, во стан во Богданци каде што мајката и синот живееле како потстанари.
Обвинителството наведува дека меѓу двајцата избувнала расправија поврзана со лекувањето на обвинетиот, по што тој зел нож од кујната и ѝ нанел повеќе убодни повреди на својата мајка. Откако ножот се скршил, според обвинението, нападот продолжил со употреба на други остри предмети, при што жената им подлегнала на здобиените повреди.
По извршувањето на делото, Станковски сам се пријавил во полициска станица, по што бил лишен од слобода и против него била поведена кривична постапка.
Со изрекувањето на доживотната казна затвор, Основниот суд во Гевгелија го заврши првостепениот судски процес за случајот што во јануари годинава ја потресе јавноста.
МУ СЕ СКРШИЛ НОЖОТ, ПА ГО ДОВРШИЛ УБИСТВОТО НА МАЈКА МУ СО ДРУГИ ОСТРИ ПРЕДМЕТИ: ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ПЕТАР
1 Min Read

