Откако повеќе од 1.000 пациенти во изминатите три до четири дена побарале медицинска помош во Општата болница во Гостивар, каде што најголем дел од нив се јавиле со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот, покачена температура и омалаксаност, градоначалникот Ваљбон Лимани ги повика граѓаните да останат смирени.
Во објава на Фејсбук, тој истакнува дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод.
-Ги повикувам граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори. Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации.
Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди, објави Лимани.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе привремена забрана за користење на водата од градскиот водовод во Гостивар за пиење и подготовка на храна, поради основано сомнение дека водата е сериозно загадена и може да претставува опасност за здравјето на граѓаните.
Од Секторот за внатрешни работи – Тетово соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Комуналец“ и Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните. Според полицијата, со цел да се зголеми притисокот во градската водоводна мрежа, биле незаконски поставени пумпи во корито со истечни отпадни води, по што, според сомневањата, загадена вода навлегла во системот за водоснабдување.
ОСТАНЕТЕ СМИРЕНИ, ИМ ПОРАЧА ЛИМАНИ НА ГРАЃАНИТЕ ПО ЗАБРАНАТА ЗА ВОДАТА ВО ГОСТИВАР
2 Mins Read
Previous ArticleПО НАПАД ОД МЕЧКА, 41-ГОДИШЕН МАЖ ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА

