Години наназад публиката ги бараше повторно заедно на сцената, а Маријана и Росана конечно ја исполнија таа желба. Сестринското дуо кое остави длабока трага на македонската музичка сцена повторно ги здружи гласовите и сними нова песна, по 34 години од нивната последна заедничка музичка приказна.
Љубовта и поддршката од публиката, која постојано ја истакнуваше желбата да ги слушне нивните препознатливи вокали повторно заедно, била еден од мотивите за ова големо музичко враќање.
Новата песна е дело на Александар Митевски, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот, а во создавањето на дел од текстот учествувал и познатиот текстописец Огнен Неделковски.
Песната ја изведуваат Александар Митевски, Дац, Маријана и Росана, а наскоро ќе биде претставен и видео записот. Според Росана Сариќ Тодоровска, станува збор за песна со реален текст и силна емоција, дело создадено со многу љубов и внимание.
„Огромна благодарност до Александар за преубавата песна, текстот, аранжманот и за идејата тоа да се направи“, порача Росана, додавајќи дека новото музичко дело е вистински погодок.
„Она што е вредно и добро останува како евергрин“, напиша таа, најавувајќи песна за која верува дека ќе допре до срцата на слушателите. Истата ќе биде пуштена во етер наредните денови, а за неа ќе се снима и видео запис.
Маријана и Росана со години беа симбол за квалитет, хармонични вокали и препознатлива сценска култура. Нивните песни оставија белег кај повеќе генерации, а по преселувањето на Маријана во Австралија, публиката ја немаше можноста повторно да ја почувствува магијата што ја создаваа кога пееја заедно.
Новата песна е нивниот одговор на долгогодишните желби на публиката која долго време го бараше нивното враќање на сцената.

