Реконструкцијата на армиската инфраструктура продолжува со засилена динамика. Во повеќе касарни во земјава во моментов се реализираат проекти вредни над 3 милиони евра, а за следната година се планирани дополнителни над 12 милиони евра за подобрување на условите за работа и престој на припадниците на Армијата.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, при денешниот увид во градежните активности во Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, посочи дека токму овој објект е пример за интензивирање на инвестициите во армиската инфраструктура.
Во зградата на Командата за обука и доктрини се вложуваат околу 11 милиони денари за целосна внатрешна реконструкција. Активностите опфаќаат замена на врати и прозорци, подови, водоводна мрежа и санитарни јазли, а во следниот период е планирана и реконструкција на покривот.
Дополнително, за замена на покриви во повеќе касарни се обезбедени околу 20 милиони денари, со очекување сите започнати активности да бидат завршени до крајот на годинава.
„Целосна реконструкција следи насекаде во касарните, но овде може да се види дека има поголема динамика“, изјави Мисајловски, додавајќи дека инвестициите се насочени кон создавање подобри услови за припадниците на Армијата.
Тој информираше и дека се работи на приклучување на хидрантска мрежа на издвоениот објект во Отовица, каде припадниците за првпат ќе добијат пристап до питка вода.
Според министерот, обновувањето на старите воени објекти е еден од приоритетите во рамки на модернизацијата на одбраната. Инвестициите, како што посочи, опфаќаат инфраструктурни проекти, набавка на современа опрема и подобрување на условите за вработените во Армијата.
„Чекор по чекор ќе ги менуваме сите овие стари објекти. Со години немало сериозни вложувања во реконструкција и изградба, но овој процес ќе продолжи постојано“, рече Мисајловски.
МИСАЈЛОВСКИ: НАД 3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОБНОВА НА КАСАРНИТЕ, НАД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ИНФРАСТРУКТУРА
2 Mins Read

