Семејствата во Хрватска кои имаат четири или повеќе деца ќе можат да добијат финансиска помош до 15.000 евра за купување автомобил, најави хрватскиот министер за демографија и доселување Иван Шипиќ.
Мерката е дел од новиот пакет демографски политики на Владата на Хрватска, а е наменета за семејства на кои им е потребен поголем автомобил за секојдневните потреби. Според најавата, субвенцијата ќе се однесува на автомобили со седум седишта, со што државата сака да им помогне на многудетните семејства полесно да обезбедат соодветен превоз.
„Автомобили со седум седишта, за семејства кои имаат четири и повеќе деца. Тоа ќе биде нова мерка. Ќе го субвенционираме тоа со до 15.000 евра“, изјави Шипиќ, додавајќи дека ќе постои и услов поврзан со имотен цензус.
Од Владата најавуваат дека дополнителните детали за мерката – условите за аплицирање, критериумите за возилата и начинот на доделување на средствата – ќе бидат објавени по официјалното претставување на програмата.
Министерот упати порака до семејствата кои планираат купување поголем автомобил да почекаат со набавката, бидејќи со новата мерка би можеле значително да ги намалат трошоците.
Оваа мерка е дел од пошироката демографска политика на Хрватска, чија цел е поддршка на семејствата со повеќе деца и поттикнување на наталитетот.
15.000 ЕВРА ЗА КУПУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛ ЌЕ ДОБИЈАТ СЕМЕЈСТВАТА СО НАЈМАЛКУ 4 ДЕЦА: ХРВАТСКА СО ПОТТИК НА НАТАЛИТЕТОТ!
1 Min Read

