Граѓаните кои претрпеа материјална штета од невремето што го зафати Скопје треба да ја пријават штетата до надлежните комисии во општините, по што ќе следува проценка и доставување на извештаите до Владата, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има обештетување за погодените граѓани, Мицкоски посочи дека општините и институциите под нивна надлежност веќе формираат комисии кои треба да излезат на терен и да ги утврдат настанатите штети.
„Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обештетиме оние граѓани кои што ќе пријават штета. Апелирам до граѓаните оние кои имаат штета да пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обештетиме. “, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе постапи согласно законските процедури и досегашната пракса, односно ќе интервенира и ќе ги обештети граѓаните кои ќе ја пријават штетата и чии пријави ќе бидат потврдени со проценка.
Премиерот упати апел до граѓаните што имаат оштетувања да ги пријават во најкус рок, за надлежните служби да можат да направат увид и Владата да добие целосна спецификација на штетите.

