Триесет и двегодишен жител на Кавадарци е уапсен под сомнение дека измамил 50-годишна жена од Куманово, од која зел вкупно 9.000 евра, ветувајќи дека ќе ѝ посредува за добивање странски пасош.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 23 јули, околу 13:50 часот, на Градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци, во соработка со колегите од СВР Куманово, го лишиле од слобода М.Д. (32) од Кавадарци.
Според пријавата, осомничениот првично побарал 400 евра за посредување при обезбедување странски пасош. Подоцна, под различни изговори, продолжил да бара дополнителни суми, при што оштетената за краток временски период му предала вкупно 9.000 евра. И покрај тоа, тој не престанал да бара нови исплати.
Во рамки на полициската акција, кај осомничениот биле пронајдени 2.000 евра што непосредно ги зел од жената. Парите претходно биле криминалистичко-технички обработени од полициски службеници на ОВР Кавадарци.
По приведувањето, осомничениот бил задржан во полициска станица, а потоа изведен пред јавен обвинител, каде што го признал делото.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „измама“ по член 247 став 1 од Кривичниот законик.
АПСЕЊЕ НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД ВО КАВАДАРЦИ: ПАДНА ОСОМНИЧЕН ЗА ИЗМАМА ОД 9.000 ЕВРА
1 Min Read

