Министерството за внатрешни работи продолжува со превентивните активности насочени кон спречување на врсничкото насилство и зајакнување на безбедноста на младите. Во рамки на кампањата, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип реализираа „Соседска-граѓанска патрола“ на повеќе локации каде што се собираат малолетници.
Во акцијата, спроведена во соработка со Советот на Општина Штип и Центарот за социјални работи Штип, беа посетени паркови, игралишта и други јавни површини со зголемено присуство на млади. Полициските службеници разговараа со малолетниците за важноста од одговорно однесување и почитување на јавниот ред и мир, при што посебен акцент беше ставен на превенцијата од врсничко насилство, булинг, вандализам и злоупотреба на алкохол и психотропни супстанци.
Паралелно, слична превентивна активност беше реализирана и во Пробиштип, каде што полицијата, заедно со Центарот за социјални работи и Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, ја спроведе акцијата „Соседска – мешана патрола“.
Целта на овие активности е да се зајакне соработката меѓу полицијата, институциите и локалната заедница, навремено да се препознаат ризиците од врсничко насилство и булинг и преку директна комуникација со младите да се поттикне безбедно и одговорно однесување.
Од МВР посочуваат дека превентивните патроли ќе продолжат и во наредниот период како дел од пошироките активности за создавање побезбедна средина за децата и младите и намалување на сите форми на насилство меѓу врсниците.

