Водата од гостиварскиот водовод и понатаму не е безбедна за користење, ниту за технички намени, поради недоволното ниво на хлор во системот, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Според надлежните, процесот на дезинфекција сè уште не е завршен, а контролите продолжуваат на повеќе точки од водоснабдителниот систем. Водата ќе може повторно да се користи откако ќе се потврди дека параметрите се во согласност со пропишаните стандарди.
Од Министерството за здравство посочуваат дека епидемиолошката состојба се следи постојано, а бројот на граѓани кои пријавуваат стомачни тегоби се намалува. Сепак, препораките за избегнување на користење на водата од водоводот остануваат во сила сè додека не пристигнат потврдени резултати од анализите.
Граѓаните на Гостивар и околните населени места се предупредуваат да не ја користат водата за пиење, подготовка на храна и други намени поврзани со лична хигиена, додека надлежните институции не дадат официјално одобрение.
Институциите најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш штом водата биде прогласена за безбедна за употреба.

