Основното државно обвинителство во Улцињ донесе одлука за задржување до 72 часа на 46-годишна државјанка на Македонија од Скопје, со иницијали С.С., која се сомничи за кривично дело „убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста откако на социјалните мрежи беше објавено вознемирувачко видео од настанот, кое брзо се прошири, а за инцидентот известија и повеќе медиуми во Црна Гора.
Според информациите од обвинителството во Улцињ, инцидентот се случил во близина на Булеварот „Теута“, каде што осомничената, управувајќи автомобил марка „Мерцедес“, прегазила домашно куче од расата шарпланинец. Животното било во сопственост на локален жител, а како последица на здобиените повреди угинало.
По пријавата и спроведените дејствија, обвинителството определило задржување до 72 часа, додека надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на сите околности околу случајот.
Случајот предизвика реакции кај граѓаните и здруженијата за заштита на животните, особено по објавувањето на видеото на интернет, кое предизвика бројни коментари и јавна дебата во Црна Гора и регионот.

