Македонскиот фолклор уште еднаш покажа дека нема граници! Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“ од Неготино го освои првото место според одлуката на стручното жири на престижниот Меѓународен фолклорен фестивал во Батуми, Грузија, во силна конкуренција од 43 ансамбли од 22 држави од целиот свет.
Со енергија, дисциплина и љубов кон традицијата, 40 млади играорци, на возраст од 14 до 25 години, достојно ја претставија Македонија преку изведба на автентични ора и песни од повеќе етнографски краеви. Нивниот настап беше награден со највисокото признание, уште еднаш потврдувајќи дека македонската култура има што да му покаже на светот.

Зад овој голем успех стојат долгогодишната посветеност и визија на Горан Трајков, кореограф и претседател на ансамблот, кој заедно со својот тим со години вложува во развојот на младите играорци и во зачувувањето на македонската фолклорна традиција. Оваа награда е резултат на неуморна работа, бројни подготовки и искрена љубов кон народното творештво.
Посебна симболика на успехот му дава и фактот што ансамблот годинава одбележува 15 години од своето постоење. Од своето основање до денес, Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“ прерасна во еден од најпрепознатливите културни амбасадори на Неготино и Македонија.
Во ансамблот денес активно членуваат околу 300 членови, распределени во 10 групи, кои секојдневно ја продолжуваат мисијата за негување и афирмација на македонската традиција, а најмладите членови се на осум-годишна возраст. Во рамките на јубилејната година, во декември ќе се одржи свечен концерт со учество на повеќе генерации играорци, а предвидени се и настапи во повеќе градови низ Македонија.
Освоеното прво место во Батуми е повеќе од награда – тоа е признание за македонската култура, за младите кои со гордост ја носат народната носија и за сите кои со години ја градат оваа успешна приказна. Тоа е победа што ја слават Неготино и цела Македонија.
Кога младоста, традицијата и посветеноста чекорат заедно, резултатот е успех што се памети. А токму таков успех испишаа членовите на Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“, носејќи го македонското знаме на највисокото место и испраќајќи силна порака дека македонскиот фолклор продолжува достоинствено да живее, да се развива и да ги освојува светските сцени.

