Крадците кои ја ограбија и уништија енергетската инфраструктура на железницата ќе бидат пронајдени, порача министерот за транспорт Александар Николоски по координацијата со надлежните институции за случајот.
Станува збор за голема кражба во електровлечната подстаница Драчево, која се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево. Од објектот била украдена и оштетена опрема неопходна за функционирањето на железничкиот електроенергетски систем, а според првичните проценки, материјалната штета изнесува околу 5 милиони евра.
При кражбата, како што информираат надлежните, биле украдени бакарни жици, бакарни шини и други елементи од електроенергетската опрема. Сторителите предизвикале и дополнително оштетување на системот, меѓу другото со насилно превртување на два големи трансформатори, секој со тежина од над 30 тони.
„Оние кои го направиле ова ќе бидат фатени“, порача Николоски, додавајќи дека институциите се координирани и работат на расчистување на случајот.
Според министерот, не станува збор само за обична кражба на метал и опрема, туку за сериозен удар врз критична инфраструктура од која зависи железничкиот сообраќај. Оштетувањето на електровлечната подстаница создава ризик за нормалното функционирање на железничкиот систем и бара итно преземање мерки за санација.
Од надлежните институции најавија дека истрагата продолжува, а јавноста ќе биде информирана за резултатите од преземените активности и за одговорноста на лицата кои ќе бидат идентификувани како сторители.
НИКОЛОСКИ: КРАДЦИТЕ КОИ НАПРАВИЈА ШТЕТА ОД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ БИДАТ ПРОНАЈДЕНИ!
1 Min Read
Previous ArticleБЕЗВИЗНИОТ РЕЖИМ ЗАВРШУВА: ЦРНА ГОРА ВОВЕДУВА ВИЗИ ЗА ТРИ ЗЕМЈИ

