-Јас сум роден во Скопје на 21-ви јули 1963 година. Кога се случил земјотресот, со мајка ми се уште сме биле во болницата во Скопје. За жал, починаа мојата тетка Дара, сестра на татко ми, заедно со нејзините две деца, Мишко кој имал 15 години и Солунка, која имала само 12 години. Јас го добив името по мојот прв братучед кој загина во урнатините, за ВИКИМЕДИА раскажа популарниот фолк пејач Мишко Крстевски (63).
На 63-годишнината од разорниот земјотрес во кој животот го изгубија 1.070 лица, потсетуваме на семејната приказна на Крстевски која ја раскажа за нашиот медиум.

-Настанот беше голема трагедија за целото семејство. Тетинот остана сам, беше во многу тешка состојба долги години после тоа. Баба ми, мајка на татко ми и на тетка ми Дара, која беше многу блиска со тетин ми, имаше многу широка душа и по некое време започна да му кажува на тетин ми дека треба да се ожени, да формира семејство, за да не остане сам. Таа, иако ги изгуби ќерката и внуците, мислеше на доброто на зетот, сакаше тој да ја надмине трагедијата и да започне нов живот. Но, тетин ми долго време одбиваше и да помисли на нешто такво.
Сепак, на крај тој повторно формираше семејство, а ќерката која ја доби во бракот со втората сопруга ја крсти Солунка, во спомен на братучеда ми. И она кое е доста впечатливо, тој се ожени со жена која исто така во земјотресот изгубила дете и сопруг!
Бидејќи сите отсекогаш бевме блиски како семејство, ние останавме во постојан контакт со тетин ми се до крајот на неговиот живот, а исто така и со неговата ќерка Солунка сме тука едни за други, раскажа Крстевски.

Вели дека тој и неговите две сестри се родени во Скопје, каде имаат бројни роднини, а неговите родители од Скопје се преселиле во Неготино, бидејќи такви биле времињата, татко му тогаш се вработил во првата Ветеринарна станица во Неготино, а пак мајка му во банка. Но, и покрај тоа што живееле во Неготино, редовно оделе во Скопје и ја одржале близината со роднините кои живееле таму.
Денес и Мишко со семејството живее во Скопје. Се уште е активен на сцената, и учествува на многу домашни фестивали. Покрај фестивалите, има редовни настапи и во локали, а во јавноста останува препознатлив по својот глас, професионалниот однос и скромноста која го следи низ целата кариера. Без помпезност и со постојана љубов кон песната, тој останува симбол на еден период во кој талентот, однесувањето и почитта кон сцената беа основа за трајна кариера.

