-Секогаш се враќам на моите почетоци, во мојата родна Струмица, на топката и на соништата кои ги имав како мало дете. Сонував да станам фудбалер, но сонував и да докажам дека дете од еден мал град може да стигне до најголемата сцена. Патот не е лесен, но со напорна работа, посветеност и љубов можеш да стигнеш до врвот – кажа Горан Пандев, легендарниот македонски фудбалер.
Денес, тој го слави својот 43-ти роденден.
-Благодарение на семејството, тренерите и соиграчите, имав привилегија да настапувам во најголемите европски клубови, да ја освојам титулата во Лига на шампиони со Интер и да ја носам капитенската лента на македонската фудбалска репрезентација. Моја најголема гордост не се титулите или головите, најголема гордост е кога го израдувавме цел народ и цела Македонија со пласман на Европско првенство. Тоа беше остварување на сонот на цела генерација. Спортот зближува и е повеќе од пример, денеска кога гледам толку млади како тренираат, знам дека следат добри нешта. Наше е да им овозможиме услови за работа и да ги поддржиме. Затоа сакам да испратам порака до младите деца: Верувајте во себе, соништата се остваруваат, порача Пандев лани, за време на отворањето на Спортскиот самит во Скопје.
Тој е роден во Струмица, а со сопругата Надица и децата долги години живее во Италија.

