Општина Крива Паланка ја организира манифестацијата која ќе се одржи на 29-ти и 30-ти август, по повод празникот Пречиста Богородица, заштитничка на градот, и најавени се музичките гости кои ќе настапат на градскиот стадион, под мотото –Два дена, една сцена, безвременска енергија.
На официјалната општинска страница пак, најавата за настанот гласи – Музичка треска, на 29-ти и 30-ти август сите патишта водат кон Крива Паланка!
Според објавената програма, на 29-ти август ќе настапат Мирза Селимовиќ, Цеца Ражнатовиќ, чие гостување е посочено како ексклузивно, и диџеј Галоски.
Наредната вечер пак, на 30-ти август, ќе настапат Дејан Петровиќ – Биг Бенд, Саша Ковачевиќ и диџеј Том Нови.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека градот станува центар на случувањата, а за прославата ќе се раскажувало.
Минатата година пак, за празникот на градот, главна музичка ѕвезда беше Северина. Исто така, минатата година Крива Паланка беше избрана од страна на Министерството за култура за Град на културата за 2024 година. Тогаш од министерството истакнаа дека комисијата оценила оти Општина Крива Паланка има богата програма која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.
Вики Клинчарова