Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес го примил полицаецот Беким Исмани, кој вчера во Тетово спречи трагедија, кога млада девојка сакаше да си го одземе животот.
Како што соопшти Тошковски, Исмани ќе биде награден за својата пожртвуваност, хуманост, и посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот.
-Вистинската сила на полициската професија се гледа во најтешките моменти.
По вчерашниот настан во Тетово, каде полициски службеници спречија трагедија и спасија млад живот, денеска лично го примив колегата Беким Исмани, кој со исклучителна храброст и присебност ја спречи девојката да скокне и си го одземе животот и притоа беше повреден со нож кој таа го држела во раката.
Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност.
Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување, истакна министерот.
По вчерашниот настан девојката беше пренесена во Клиничката болница во Тетово за укажување лекарска помош, а еден маж беше лишен од слобода поради сомнение за посредување на проституција.
Деск