Кога живееш во туѓа земја, секогаш верските или пак големите државни празници, како што е сега Илинден, се доживуваат на еден доста поемотивен начин, се буди носталгијата, тагата по родниот крај и по драгите луѓе кои останале таму станува поголема, за Викимедиа раскажува Сања Ристеска, која веќе неколку години наназад живее во Австралија.
Таа и стана позната на јавноста во 2009 година, кога се појави на фолк сцената, а потоа, како што вели, сосема случајно за време на мини турнеја кај нашата дијаспора, решила да остане на подолг период во Австралија.
-Тој период, кој на почеток беше на некој начин на неодредено време, еве и денес трае, а јас сум редовна на настаните организирани од нашинците овде. Мојата мисија продолжува, без оглед на тоа каде сум, јас со песна ја промовирам нашата татковина.
Денес, по повод големиот македонски празник Илинден имаме организирано одлична прослава во Мелбурн, во Шелдон рецепција, каде се очекува присуство на стотици Македонци. Со наша, македонска песна и ора ќе го одбележиме овој голем ден, ќе се навратме на минатото, на спомените.
Неверојатно е колку овде се негува македонската изворна песна, со колку почит и радост се дочекуваат настапите на домашните музичари. Драго ми што постои таа социјализација помеѓу нашите иселеници, дури мислам дека овде нашинците повеќе се дружат отколку дома, сакаат да бидат опкружени со својот народ во слободното време, затоа што сепак, колку години и да си отселен, домот не се заборава, раскажува Ристеска.
Додава дека на прославите на кои настапува, освен изворните македонски песни, застапена е и традиционалната македонска кујна. Сите се труделе атмосферата што е можно повеќе да потсетува на дома.
-Животот овде е убав, но сепак, останувам на тоа дека само дома си е дома. Мојот репертоар, и додека бев во Македонија, а и сега, изобилува со македонски народни песни, како и со мои авторски песни кои ги посветив на татковината. Кога се организираат вакви забавни настани, по повод големи празници, никој во публика не останува рамнодушен уште при првите звуци. Вечерва во чест на Илинден ќе одбележиме со традиционална македонска забава и од овде ќе ја испратиме пораката дека Македонија вечно ќе живее, раскажа Ристеска.
Вики Клинчарова

