Да не се одржеше Младинската олимпијада во земјава, тешко дека некогаш ќе видевме сапун во тоалетите на Олимписки базен во Скопје, за Викимедиа раскажуваат пливачи – рекреативци, кои со години наназад пливале во базенот.
Појаснуваат дека и покрај тоа што плаќаат еднодневна карта по цена од 500 денари, а пак за пливачките клубови и школите за пливање месечните пакет – влезници биле со цени од околу 3.000 денари, и повеќе, не се случило во тоалетите да има обезбедено сапун, или пак брисачи за раце.
Велат дека садовите за течен сапун стојат празни со години, а пливачите веќе свикнале со себе од дома да си носат сапун, хартија, шампон…
-Дури и не ни се веруваше кога пред неколку дена ги видовме течните сапуни во пластична амбалажа оставени покрај чешмите, во тоалетите на Олимписки. Но, набргу сфативме дека всушност истите се донесени по повод Младинската олимпијада, и дека најверојатно, откако ќе се потрошат, нови тешко дека ќе има, достапни за користење на останатите пливачи кои ги користат услугите на базенот, велат наши пливачи.
На шега велат дека по многубројните јавни критики на сметка на организацијата на Младинската олимпијада, ете, можеле да кажат и пофалба, што некој се сетил дека во тоалети на базен со олимписки димензии, треба да има и основни средства за хигиена, достапни за корисниците на услугите.
Европскиот младински олимписки фестивал се одржа во Скопје од 20-26 јули и градот беше домаќин на повеќе од 4.000 спортисти и службени лица од 50 европски делегации, а имаше и над 700 волонтери од цела Европа. Фестивалот вклучуваше 15 спортски дисциплини.
В.К.

