По повреди нанесени со стаклено шише почина 62-годишен маж од Љубанци, утрово околу 2.20 часот. Како што информира МВР, повредите му ги нанел 35-годишниот неготинец Димитар Спасов, при физичка пресметка која се случила во Психијатриска болница Скопје во Бардовци, каде и двајцата биле сместени.
-На 05.08.2025 во 01:38 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 00.50 часот во Јавната здравствена установа „Психијатриска болница Скопје “ во Бардовци, во соба на судскиот оддел, настанала физичка пресметка помеѓу осудениците Д.С.(35) од Неготино и И.Т.(62) од с.Љубанци, скопско.
Притоа, од ударите со стаклено шише И.T. паднал во бесознание, по што бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што во 02.20 часот починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, соопштија од министерството.
Убиецот Спасов и е познат на јавноста од пред 13 години, кога ноќта помеѓу 16-ти и 17-ти јули 2012 година, ја уби својата мајка во нивниот стан во центарот на Неготино. Тогаш имаше 22 години, а несреќната жена беше убиена со десеттина убоди со нож.
По убиството, тој го зел телото и тргнал да го фрли во контејнерот пред влезот на зградата. Вработени во ЈП Комуналец, посведочиле на грозоморниот настан, кога Спасов со крвавото тело на мајка му им се обратил пред контејнерот и ги прашал каде да го фрли месото.
Во шок, тие му рекле, остави го овде, и веднаш откако тој го оставил телото и заминал, повикале полиција.
Потоа, за време на судењето во Основен суд Велес, Спасов сведочеше дека ја убил мајка му на десет-годишнината од смртта на татко му, кој беше познат заболекар во Неготино. Му било тешко што мајка му по смртта на таткото продолжила со животот, и не одела на неговиот гроб.
Пред судијата кажа дека ја направил најголемата грешка во животот и нема пак да го повтори делото.
Во време кога го изврши убиството, тој беше студент на трета година на факултетот по физичка култура во Скопје и неколкукратно наградуван на светски натпревари во кик бокс.
Според вештачењето на психијатрите тој делото го сторил во момент на психичко растројство, а моментално боледувал од параноидна халуциона шизофренија.
Во годините наназад, додека беше сместен во установата, неретко се случуваше да побегне и да дојде во Неготино. Беше евидентиран и случај кога побегнал од установата и во Скопје демолирал кафеана.
Последен пат побегна од установата лани во септември, по што беше пронајден во Неготино и вратен назад.
Осуденикот кој е новата жртва на Спасов пак, бил сместен во установата поради семејно насилство.
В.К.

