Девет милиони и 760 илјади евра е буџетот за одржување на локалните избори, според пресметките на Државната изборна комисија (ДИК). Изборите во 2025 година ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на дражавата, и првиот круг ќе се одржи на 19-ти октомври, а пак вториот круг на гласање на втори ноември. Во нив ќе биде опфатен избор на градоначалници и советници во 80 општини и во Град Скопје.
Претседателот на македонскиот парламент, Африм Гаши, по официјалното распишување на изборите порача дека тие се реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес.
Тој упати порака до сите кандидати и политички сили, да избегнат притисоци и злоупотреби на институциите и да покажат висока култура.
По вчерашното официјално распишување на локалните избори, започнаа да течат изборните рокови.
Државната изборна комисија (ДИК) до 27-ми септември треба да ги утврди изборните листи, кои кандидатите и партиите мора да ги поднесат најдоцна 35 дена пред денот на гласање.
Деск

