Првите сирки во земјава започнаа да созреваат, и може да се сретнат во многу дворови и овоштарници во Тиквешијата. Растат на дрво со убава крошна, а плодовите се слични на урма. Станува збор за плод кој е познат и како кинеска урма и е доста баран во светот поради изобилството со минерали и антиоксиданси.
Кај нас, не само што не е раширена популарноста на плодот, туку се случува и да се видат слики во дворови, кога сирките сами од себе паѓаат и скапуваат, бидејќи и на пазарите нема интерес за нив од страна на купувачите.
Во Хрватска пак, сирката позната како жижула, минатата година се продаваше за осум евра килограм, а пак годинава достигна цена и до десет евра.

Се јаде сурова, но и сушена, а од неа се прави мармалад и разни ликери.
Богата е со витамин Ц, овошни киселини, влакна и силни антиоксиданси – флавоноиди. Содржи минерали како калциум, фосфор, магнезиум, железо, и позната е како плод кој помага за снижување на крвниот притисок, како и за намалување на напнатост и против болка во мускули. Исто така, во Хрватска каде е доста барана, сирката се користи и како природен антидепресив.
Во Тиквешијата, многумина ја имаат во дворови првенствено поради убавата и богата крошна на дрвото, и ретко кој ја одгледува поради продажба на плодот. Понекогаш може да се види на штандовите во Росоман, на пазарчето покрај патот, а цената за кеса со половина килограм сирка, во зависност од големината на плодот, изнесува од 50 до 100 денари.
Вики Клинчарова

