По околу еден месец во Неготино треба да започне изградба на нов плоштад, како и изградба на нов кружен тек, во близина на плоштадот. Проектот за изградба на кружниот тек е со вредност од околу 580.000 евра, сума која предизвика бурни јавни реакции, и граѓаните прашуваат за каков кружен тек станува збор, односно која е причината поради која се спомнува неверојатната цифра за изградбата на истиот.
Како што појаснуваат за ВИКИМЕДИА од кабинетот на градоначалникот д-р Горан Стојанов, само поради една причина проектот бил далеку поскап, од вообичаените суми кои биле потребни за изградба на кружни текови. Се работело за опсежни градежни активности кои требало да се изведат под земја, како и поставување на заштитни столбови. Под локацијата каде сега се наоѓа раскрсницата, а на која ќе се гради кружниот тек, минува Неготинска Река, позната и како Градската Река, па морале да бидат поставени потпорни столбови кои ќе стојат под вода, но исто така ќе се вршело и проширување на конструкцијата од околу 12 метри.
И градоначалникот д-р Стојанов потврдува дека се работи за сложен проект, исклучително поради тоа што под локацијата минува реката и мора да се земат во предвид сите безбедносни фактори, за да кружниот тек биде изграден според прописи.
Ова ќе биде втор кружен тек во градот, а првиот беше изграден пред околу четири години и истиот беше во вредност од околу 127.000 евра. Неговиот радиус е десет метри и се наоѓа на улица „Маршал Тито“ на спојот со улица „Индустриска“.
Вики Клинчарова
Поради само една причина неготинскиот кружен тек ќе изнесува неверојатни 580.000 евра!
2 Mins Read

