Автомобилот на претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорги Галетановски, синоќа изгорел целосно, а покрај неговиот, од пожарот биле зафатени уште две патнички возила. Информацијата за потврдија од Министерството за внатрешни работи, од каде информираат дека бил извршен увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземале мерки за расчистување на случајот.
За ВИКИМЕДИА Галетановски открива дека неговиот автомобил БМВ 5, не бил осигуран. Станува збор за еден вид на автомобил од висока класа, но како што посочува тој, не поради финансиска загуба, туку поради мирен живот во главниот град и целата земја, надлежните служби треба веднаш да го најдат сторителот.
-Во целиот овој настан огромна среќа е што противпожарната екипа дојде максимално бргу, можеше да се случи вистинска хаварија доколку пожарот се проширеше, бидејќи овде има згради, живеат многу луѓе. Професионалноста и подготвеноста на пожарникарите беше од најголема помош во спречувањето на голема катастрофа и многу сум им благодарен, вели Галетановски, инаку познат урбан лик во Скопје, а неговото име стана препознатливо и во целата земја, во периодот кога дојде на чело на Скопје ЗОО.
Тој беше поставен за директор на Зоолошката градина во јуни 2018 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. По доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска, во декември 2021 година поднесе оставка од функцијата.
Иако не е на функцијата прв човек на зоолошката речиси три години, остана запамтен во јавноста како човек кој одлично менаџираше со установата и покажа дека со добра организација институциите можат да функционираат како што треба и може да се има напредок.
За време на неговиот мандат градината во бројни наврати се најде како позитивен пример за добра организираност и грижа за благосостојбата за животните, не само во домашните, туку и во странските медиуми. Од неговото заминување, установата ја следат низа на немили настани и голем број на случаи со угинување на заштитени видови на животни, за кои јавноста не слушна дека има официјална разрешница. Во повеќе наврати, активисти за заштита на животните бараат и затворање на скопската зоолошка, со цел животните да бидат префрлени во други зоолошки градини, во развиени земји, каде ќе имаат достоинствен живот.
Само два дена пред да му биде изгорено возилото, Галетановски се појави во видео, заедно со Каја Шукова, кандидат на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје, и раскажуваше за тоа како за кратко време ја позиционираше зоолошката во една од најпосетуваните во регионот, со рекордни 20.000 посетители неделно.
По немилиот случај со автомобилот, тој вели дека ниту добивал закани, ниту пак бил скаран со некого и апелира за брза разрешница на настанот.
Вики Клинчарова
Изгорениот автомобил кој е од висока класа не бил осигуран, Галетановски вели дека најважно е што пожарникарите спречиле хаварија
3 Mins Read

