Премиерот Христијан Мицкоски и во своето завчерашно обраќање по повод Денот на независноста, се осврна и на скандалот со прислушкувањето, нагласувајќи дека се следи и прислушкува од 90-тите години и една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот, додавајќи дека со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем.
-Само кусо да се осврнам на една тема од секојдневието која пак има важност за покрупната слика за системот во кој опстојуваме. Тоа е прислушкувањето. Нелегалното, незаконското прислушкување и злоупотреба на системот. Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат вели тој.
Мицкоски нагласи дека не е прашање дали материјалите ќе се декласифицираат, тука прашање е како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе ова да не се повтори.
-За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори, рече премиерот Мицкоски.
-Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.
Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол, истакна Мицкоски.
Деск
Мицкоски тврди дека во Македонија се следи и прислушкува од 90-те години: Ајде разбирам јас, ама децата?!
2 Mins Read

