Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денешниот пожар во Трубарево е хибриден напад врз државата и најверојатно бил намерно подметнат.
-Денес изби тежок пожар во фирмата Ф-Групација (соработник на компанијата Нула отпад) која се занимава со електронски отпад, во село Трубарево, скопско. Се создава црн и токсичен чад, а веднаш до објектите на фирмата има уште два објекти кои се делумно зафатени од пожарот, а во кои има голема количина на пластичен отпад, информираше Ангелов.

Додава дека во моментот нема повредени лица, а пожарникарите гаселе опремени со соодветна опрема за вакви услови и со специјални боци со кислород. Во гасењето бил вклучен еден Ер трактор и два хеликоптери, а биле повикани и соседни противпожарни екипи на помош.
Набргу по започнувањето на пожарот пак, директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кажа дека на бројот за итни случаи 112 бил пријавен пожар во штала во која се складирале отпадни електрични материјали.
Од Министерството за здравство се огласија со соопштение, во кое посочуваат дека ја следат состојбата со пожарот во Трубарево, но конкретни насоки за населението, околу тоа како да си го заштити здравјето – нема.
Деск

