Иако учествувал во сообраќајка кон крајот на август, во која поминал без повреди, маж од Скопје кој вчера околу полноќ бил донесен во болница без знаци на живот, бил заведен дека починал како последица од сообраќајна несреќа. За настанот излегоа со детали од Министерството за внатрешни работи.
-На 12.09.2025 во 06:10 часот, при преземање службени дејствија во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, полициски службеник од СВР Скопје забележал дека на извештајот кај едно починато лице е заведено дека е починато како последица од сообраќајна несреќа.
Во разговор со дежурниот персонал во болницата, добиени се информации дека лицето било донесено околу полноќ без знаци на живот и по половина час реанимирање лекар констатирал смрт. Исто така, добиена е информација дека лицето се вика С.Б.(58) од Скопје и дека и на 11.09.2025 се јавил на преглед и се жалел на болки како последица од сообраќајна незгода.
По преземени мерки констатирано е дека на 28.08.2025 на ул.„Борис Трајковски“ тој заедно со неговата сестра се превезувале со такси возило кое удрило во друго возило и притоа само возачот-женско лице на другото возило се здобило со лесни повреди, додека другите лица биле без повреди, соопштија од МВР.
Од таму посочуваат дека бил известен јавен обвинител и по негова наредба направена е обдукција на телото на починатиот, при што, исто така, било констатирано дека смртта не настапила како последица од сообраќајната незгода.
Деск
Болничкиот персонал заведел дека пациент починал во сообраќајка, обдукцијата покажала дека не е така
2 Mins Read

