Кога станува збор за Андријана Јаневска, не е потребна некоја посебна најава. Речиси три децении присутна на сцената, препознатлива помеѓу помладите, но и повозрасните генерации, пред камерите и под будното око на јавноста, од тинејџерка, таа со тек на годините израсна во зрела жена. За пријателите – другариште, за новинарите – одличен соработник кој ја знае и цени важноста на медиумите, а за публиката – уникатен вокал и голем професионалец на бината. За нејзините деца и сопругот – цврст столб на нивното семејство.
Секојдневието и е константно балансирање помеѓу бројните активности, а во интервју за ВИКИМЕДИА раскажува како се носи со сето она кое и го ,,сервира” животот со набиен распоред, за семејството, за соништата од пред дваесет години, и за желбите кои сега ги има, после сите стекнати искуства.
ВИКИМЕДИА: На сцената се појавивте на 16 години, како дебитант на Скопје Фест, и речиси три децении континуирано сте присутна. Како е да се живее, но и да се расте и созрее под рефлекторите, но и под лупа на јавноста?
ЈАНЕВСКА: Мојот прв настап беше на Скопскиот фестивал во 1998 година и уште како тинејџерка се најдов пред очите на јавноста. Но, од друга страна, тоа ми помогна многу побрзо да созреам и да научам да бидам одговорна за секој чекор. Имам чувство дека денес е многу потешко да имаш јавна професија затоа што буквално нема никаков филтер на социјалните мрежи.
ВИКИМЕДИА: Што е она кое еден уметник треба да го поседува, за да може постојано да биде интересен за публиката, и да опстојува на нашата естрада?
ЈАНЕВСКА: Мислам дека најважна е искреноста и автентичноста. Публиката многу брзо препознава кога нешто е наметнато и неискрено. Потребна е постојана работа, истражување, но и храброст да се биде свој, без оглед на трендовите. Јас никогаш не сум се обидувала да следам моментални трендови, туку сум се трудела да го извлечам најдоброто од себе. 
ВИКИМЕДИА: Потребни ли се жртви за една ваква професија?
ЈАНЕВСКА: Во оваа професија нема стандардно работно време, туку постојано прилагодување. Тоа понекогаш знае да биде исцрпувачко, особено ако сте активен на повеќе полиња. Во мојот случај, кога станува збор за работата, на прво место ми се часовите на Факултетот за музичка уметност каде сум редовно вработена, па сите активности ги прилагодувам според распоредот. Потоа се разбира тука се и часовите во моето музичко училиште и снимањата во студио кои најчесто се навечер откако ќе си легнат децата. Честите патувања на настапи и концерти ги компензирам подоцна со патувања со моето семејство. Сепак, ниту една работна обврска нема поголем приоритет од моите две деца.
ВИКИМЕДИА: Пред две години се стекнавте со звање доктор на науки и сте од ретките на сцената која постојано го надоградува своето музичко знаење. Како наоѓате време за се и од каде ја црпите енергијата?
ЈАНЕВСКА: Можеби звучи контрадикторно, но токму работата ми дава енергија. Учењето и истражувањето за мене се радост, не ги чувствувам како обврска. Клучот е во тоа човекот да го работи она што го сака. Мојата работа не е монотона и тоа е она што дополнително ми дава радост и сила.
ВИКИМЕДИА: Мајка сте на две малолетни деца и сопруга, постојано актуелна со настапи, како балансирате помеѓу приватниот и професионалниот живот?
ЈАНЕВСКА: Јас и сопругот се запознавме кога и двајцата имавме музички кариери, така што кога стапивме во брак пред 15 години се подразбираше дека нашиот живот ќе биде таков. Генерално јас сум таа која ги организира активностите во домот, па времето го усогласувам на тој начин што гледам да бидам секој ден по неколку часа со децата. Најчесто шетаме низ градскиот парк или одиме на пица. Времето поминато со семејството за мене е бесценето.
ВИКИМЕДИА: Сопругот Гино доаѓа од истата бранша, односно е познат гитарист. Кои се придобивките од тоа што и двајцата сте дел од музичкиот свет? 
ЈАНЕВСКА: Најголемата придобивка е што се разбираме без зборови. И двајцата знаеме што значи еден настап, концерт или турнеја. Тоа што и тој е музичар многу ми ја олеснува и мојата работа бидејќи ми дава идеи или сугестии. Исто така, заедно работиме и во нашето музичко студио „Гиновски“, како аранжери и продуценти на многу колеги кои се одлучуваат да снимаат кај нас.
ВИКИМЕДИА: Пред три години одбивте да ја претставувате Македонија на Евровизија, настан кој е голем сон на повеќето естрадни уметници. Кој е вашиот сон, кога е кариерата во прашање?
ЈАНЕВСКА: Отсекогаш поблизок ми бил креативниот процес, моментот на создавање на делото и никогаш не сум се замислувала како сценски уметник, туку повеќе како автор, композитор, аранжер. Но, животот е непредвидлив, па така далечната 1998 година се појавив на големата сцена како солист и оттогаш започна мојата кариера. Во 2001 победив со Носталгија, но немавме право да учествуваме на Евровизија, а во 2002 бев втора. Можам да кажам дека Евровизија беше мој сон пред повеќе од 20 години кога сè уште песните и пејачите беа најважни на таа сцена. Сега имам желба да го пренесувам своето знаење на младите и среќна сум што како минатата, така и оваа година моја ученичка ќе ја претставува Македонија на детската Евровизија.
ВИКИМЕДИА: Непосредно пред да се случи трагедијата во Кочани, заедно со ДНК гостувавте во Германија. Имате ли сега контакт со Панчо, јавноста нема многу детали за неговата состојба во моментот?
ЈАНЕВСКА: Немам контакт со Панчо бидејќи се уште е во болница. Му посакувам многу сила и брзо закрепнување, како и на сите останати кои ја преживеаја оваа страшна несреќа. Македонија многу загуби!
Вики Клинчарова

