Вечерва по повод верскиот празник Мала Богородица во Неготино се одржува манастирска вечер, во манастирот ,,Свети Ѓорѓи”. Секоја година, традиционално, овде доаѓаат илјадници посетители од цела земја, и се служи бесплатен оброк, кој најчесто е овчја јанија или пак грав. Храната во манастирските простории ја приготвуваат волонтери, а освен вечерва, бесплатни оброци се служат и утре, за ручек. Сите производи со кои приготвуваат оброците се донација од хумани граѓани, или пак од општествено-одговорни компании.

Огромен број на верници доаѓаат во манастирот за здравје, палат свеќи, но и оставаат дарови. Некои од посетителите изнајмуваат соби во манастирскиот комплекс и таму преноќуваат.
Во манастирот е поставена спомен плоча за бабата Митра, која е опеана и во народна песна, како жена – херој. Таа во Втората светска војна, во 1944 година, ослободила дваесеттина партизани кои биле заробани во манастирот, пуштајќи ги да излезат од другата врата. Но, била забележана од Германците, по што биле убиени голем дел од партизаните, а бабата Митра била полеана со бензин и жива запалена. Била запалена и нејзината одаја во која живеела. Потоа, во 1972 година Сојузот на борците и изградил споменик, кој неодамна беше реновиран.
Манастирот ,,Свети Ѓорѓи” е познат и по 25-те чешми, а за водата која тече од нив има верување дека е лековита. Чешмите се наредени на патеката под манастирот и секоја чешма има име според светец.
Од утре пак, во градот започнува стопанската манифестација Неготински панаѓур која ќе трае три дена. Оваа година на располагање биле ставени дури 706 тезги.
В.К.

