Симболот на италијанската кинематографија од 60-те години на минатиот век, популарната актерка Клаудија Кардинале почина вчера на 87-годишна возраст, пренесоа светските медиуми.
Кардинале израснала во Тунис, а откако победила на натпревар за убавина добила наградно патување на Филмскиот фестивал во Венеција, и така започнала да навлегува во филмскиот свет. На почеток со помали улоги, за да во 1963 година стекне голема меѓународна слава со филмот „8-1/2“ на Федерико Фелини. Потоа, во својата филмска кариера, одигра околу 150 улоги.
Пред точно седум години, таа дојде во Битола, и на фестивалот Браќа Манаки и беше доделена Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светскиот филм. Настанот се одржуваше од 22-ри до 29-ти септември.
За време на посетата во Битола, каде дојде заедно со нејзината ќерка, таа изјави дека имала можност да направи голема холивудска кариера, но сакала да остане во Европа, бидејќи била Европејка.
Додека престојуваше во Македонија, ја искористила можноста да го посети и Охрид, каде се воодушевила од природните убавини, од охридскиот бисер, како и од црквите.
В.К.

