Жители од неготинската улица Првомајска, конечно по шест дена можат да здивнат, откако екипи на ЕВН ја отстранија искршената бандера, која претходно ја прицврстиле со сајли, а на нејзиното место сега поставиле нова.
За случајот со бандерата ВИКИМЕДИА пишуваше двапати. Првин, кога пијан кавадарчанец со возило удри во неа и ја искрши, а потоа кога вознемирени жители од Првомајска ја контактираа нашата редакција и јавно апелираа ЕВН да испрати екипи и да постави нова бандера според прописите, бидејќи стравуваат за своите животи.
Како што појаснуваа, набргу по настанот дошле вработени во ЕВН, и само со сајли ја прицврстиле искршената бандера за ѕитче, блокирајќи влез на еден од жителите, но и не мислејќи дека истата претставува огромна опасност за животот на минувачите.
Денес, тие велат дека проблемот конечно им се решил, па мирно можеле да минуваат на тој дел од улицата, без да стравуваат дека бандерата ќе им падне врз глава или пак врз возило во движење.
-Сликите со врзаната бандера беа неверојатни, како од цртан филм! Се плашевме да минуваме по улицата, не ги пуштавме ниту децата да минуваат од таму. Добро е што конечно се реши проблемот и што во меѓувреме никој не настрада, порачаа жителите.
В.К.
СЕГА МИНУВАМЕ ПО УЛИЦАТА БЕЗ СТРАВ ДЕКА БАНДЕРАТА ЌЕ НИ ПАДНЕ ВРЗ ГЛАВА: ЕВН ЈА СМЕНИ ИСКРШЕНАТА БАНДЕРА ВРЗАНА СО САЈЛИ СО НОВА
1 Min Read

