Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека во Македонија нема да се примаат илегални мигранти, наспроти тврдењата на опозицијата дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе прифаќа мигранти во земјава.
-Додека сум јас премиер нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти, ниту ќе примиме илегален мигрант!
Ние ќе ја зајакнеме нашата борба против илегалната миграција. Таква тема не е разговарана, доколку се разговара – ќе биде одбиена од наша страна, вели Мицкоски.
Како потсетување, на 22-ри октомври годинава, Мицкоски имаше средба со неговиот британски колега, Кир Стармер во Лондон.
Тогаш од Владата соопштија дека премиерот на Стармер му ја предложил својата идеја за штитење на нашата јужно-источна граница, а воедно и на Европа, од нелегалната миграција.
-Во делот на нелегалната миграција, нашиот став е апсолутно јасен дека ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји членки на ЕУ нелегално влегуваат.
Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер, за време на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, да заедно со нашите припадници ја штитиме нашата јужно-источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа, ја презентирав нашата отворена покана, истакна премиерот по средбата со Стармер во октомври.
Деск

