Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода Г.С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10.12.2025 во 23:45 часот од страна на А.М., водител на емисија на порталот Инфомакс, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на ул. „Востаничка“ во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С.Ј., а биле присутни и водителот М.Н. и камерман, соопштија од МВР.
-Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави, истакнаа од министерството.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
-Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок, соопштија од ЗНМ.
Деск

