Софи Кинсела, авторката на светски познатата серија романи “Купохоличарката”, почина. Таа имаше 55 години, а тажната вест беше потврдена од нејзиното семејство.
На писателката, чие вистинско име е Меделин Софи Викхам, во 2022 година ѝ беше дијагностициран агресивен облик на рак на мозокот, известува Би-би-си.
Во изјава објавена на нејзиниот профил на Инстаграм, семејството напиша: “Со скршено срце утрово ја објавуваме смртта на нашата сакана Софи (позната и како Меди, позната и како Мама)”.
“Таа почина мирно, а нејзините последни денови беа исполнети со нејзините вистински љубови: семејството и музиката, топлината, Божиќ и радоста”, се вели во објавата.
“Не можеме да замислиме каков ќе биде животот без нејзиниот сјај и љубовта кон животот. И покрај болеста, која ја поднесе со незамислива храброст, Софи се сметаше за навистина благословена – што имаше толку прекрасна фамилија и пријатели, и што постигна извонреден успех во својата писателска кариера. Таа ништо не земаше здраво за готово и беше вечно благодарна за љубовта што ја доби. Ќе ни недостига толку многу што нашите срца се скршени.”
Последната книга на Кинсела, “What Does It Feel Like?”, беше објавена во октомври минатата година. Таа е позната и по романи како “Можеш ли да чуваш тајна?” и “Недомаќинската божица”. Сепак, серијата за купохоличарката Беки Блумвуд ѝ донесе светска слава.
Првите два романи од серијалот од осум книги беа адаптирани во филмот “Исповеди на купохоличарката” од 2009 година, со Исла Фишер во главната улога.
Нејзините книги се продадени во повеќе од 45 милиони примероци во повеќе од 60 земји и се преведени на повеќе од 40 јазици.
Деск
НА 55 ГОДИНИ ПОЧИНА СОФИ КИНСЕЛА, АВТОРКАТА НА СЕРИЈАЛОТ РОМАНИ ЗА КУПОХОЛИЧАРКАТА
2 Mins Read

