Освен одземање на возила кои се технички неисправни или нерегистрирани, со новите измени во Кривичниот законик ќе се одземаат и тракторите кои технички неисправни и нерегистрирани се затекнати во сообраќај. Информацијата за ВИКИМЕДИА ја потврдија од ОЈО Кавадарци, а Тиквешијата како земјоделски крај е позната по големиот број на трактори, со кои земјоделците започнуваат работи на нива уште во февруари, и кои траат се до ноември.

Токму тракторите кои се управуваат без техничка исправност, однсно најчесто без исправна задна сигнализација, беа причина за бројни јавни реакции, но и голем број на сообраќајни несреќи.
Во годините наназад, во секоја земјоделска сезона во билтените на Министерството за внатрешни работи се регистрираат десетици сообраќајки помеѓу трактор и патничко возило, и тоа најчесто кога возилото удрило во задниот неосветлен дел на тракторот. Секоја година, дел од овие сообраќајки завршуваат и со смртни последци.
-Дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани се подигнати на ниво на кривично дело, а возачите имаат кривична одговорност. Значи, законот важи за сите возила, вклучувајќи ги овде и земјоделските возила, односно тракторите, велат од обвинителството.
За оваа тема со години наназад известувавме и ги пренесувавме реакциите на граѓаните, кои апелираа да се воведе ред бидејќи се ставаат на ризик човечки животи. Освен што голем број на трактори беа активни во сообраќајот без задна светлосна сигнализација, дел од нив имаат прикачено и плугови, приколки, прскалици и други помошни земјоделски механизации кои не се осветлени.
Граѓани сведочеа какви разорни последици има при такви сообраќајки, кога возило заслепено од фаровите на друго возило од спротивна страна, или пак на кривина, нема да го види неосветлениот трактор и ќе удри во неговиот заден дел. Тргаат на нива додека уште не е разденето, се враќаат кога ќе падне мрак, без светлосна сигнализација, посочуваа.
Поради проблемот, пред две години кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев со поддршка од бизнис секторот обезбеди околу 100 ротациони светла кои им беа поделени на трактористи од општината. Целта беше да се подигне свеста и да не се случуваат немили настани.
-Општина Кавадарци заедно со Полициската станица ќе биде иницијатор за дополнување на законот за сообраќај, за секоја земјоделска или работна машина задолжително поседува и задолжително има вклучено рото светло, за да не ги загрозува останатите учесници во сообраќајот, и да не дојде до немили настани- ни изјави тогаш градоначалникот.
Но, и покрај иницијативата, денес ретко може да се забележи трактор со ротационо светло, а граѓаните реагираат дека прогледувањето низ прсти и неказнивоста се очигледно најголемата причина за несовесното управување со тракторите.
Инаку, со новите измени во Кривичниот законик се предвидени ситуациите во кои привремено се одземаат возилата, и тоа за возење без возачка дозвола, под дејство на алкохол, на дроги, при екстремно пречекорување на брзината, кога се користеле за кривични дела, кога има сомневање дека се украдени, или, пак, кога се нерегистрирани, технички неисправни… Потоа, започнува судска постапка во која Јавното обвинителство и полицијата водат кривична постапка против лицата што ги управувале возилата.
Околу тоа што ќе се случува со одземеното возило, ќе решава надлежен судија, а како што појаснуваат од обвинителството, станува збор за постапка која може да трае и со месеци.
В.К.

