Владата се откажува од набавка на нов воздухоплов, денес кажа премиерот Христијан Мицкоски, по обвинувањата на СДСМ дека наместо за инфраструктурни проекти се размислувало за набавка на нов владин авион.
-Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна.
Гледам дека опозицијата од ова создава тема иако на една од лидерските средби, формални и неформални, што сум ги имал со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тој беше многу јасен и рече дека за ова не треба и нема да ја критикуваат владата бидејќи утре ќе има нова влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но, гледаме дека не си стојат на зборот. Ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи, кажа Мицкоски.
На вчерашните обвинувања од СДСМ, дека го користел владиниот авион за семејно летување на Јадранско Море, тој одговори дека четрипати досега се возел со авионот.
Еднаш се враќал од Будимпешта, каде бил на покана на Виктор Орбан, вториот пат бил во Белград на настан на нивната сестринска партија, потоа во Тирана, а за Хрватска кажа дека го продолжил тридневниот годишен одмор за еден ден, поради работна вечера со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, и бидејќи го испуштил повратниот комерцијален лет за да се врати, владиниот воздухоплов дошол и го земал од аеродромот во Сплит, па го донел во Скопје.
Деск
НЕ НАБАВУВАМЕ НОВ ВЛАДИН АВИОН, ЌЕ СЕ МОЛИМЕ ДА НЕ СЕ УРНЕМЕ И ДА ОСТАНЕМЕ ЖИВИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ
2 Mins Read

