-Во центарот на селото, на само неколку десетици метри од основното училиште, веќе трет ден стои усмртена крава на самиот пат. Животното беше удрено на 25-ти и до денес не е отстрането, за ВИКИМЕДИА вели Јулијана Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот на кравите од Општина Крива Паланка, кои веќе подолг период се актуелна тема во јавноста, и за кои денес од Агенција за храна и ветринарство соопштија дека работат на нивно собирање.

Како што Ѓорѓиевска наведува во реакцијата, бараат итно отстранување на мршата, дезинфекција на просторот и утврдување на надлежноста и одговорноста за ваква состојба во центар на населено место.
-Ги повикуваме надлежните институции да постапат веднаш, вели Ѓорѓиевска, и прашува: Доколку на тоа место беше жива крава врзана – дали ќе останеше таму три дена? Не. Немаше. Затоа што живо животно носи профит. Но кога нема профит – нема ни итност, порача таа во писменото обраќање до редакцијата на ВИКИМЕДИА.
Како потсетување, кравата која слободно се движела по коловозот беше удрена во средата од товарно возило управувано од страна на 59-годишен возач од Бугарија. Од МВР го потврдија случајот и соопштија дека против него ќе следува соодветна пријава.
Поради случајот со кравите, вчера во Крива Паланка се одржа протест на кој жителите бараат итно решавање на проблемот и дислоцирање на животните кои слободно шетаат и нанесуваат штети.
В.К.

