Албанската театарска и филмска актерка Анила Биша стана лице и глас на првата АИ министерка во светот – Диела, но без нејзина согласност, пишува Economist Times.
Минатиот септември албанскиот премиер Еди Рама претстави дигитален аватар наречен Диела – вештачка интелигенција на која ѝ беше доверена задачата да ги надгледува јавните тендери со цел спречување на корупцијата. Набргу по претставувањето, виртуелната министерка одржа и говор во парламентот преку видео порака која го обиколи светот.
Биша изјави дека претходно соработувала со државата, но на сосема поинаков проект. Таа својот лик и глас ги дала за дигитална асистентка на платформата e-Albania, која им помага на граѓаните да се снајдат меѓу јавните услуги и администрацијата. Според нејзините тврдења, никогаш не дала согласност истиот материјал да се користи за политички проект ниту за аватар претставен како член на владата.
По претставувањето на „АИ министерка“, нејзиниот секојдневен живот се променил. Таа вели дека на улица ја ословуваат со името на аватарот, а дел од јавноста ја поврзува со политиката на владата, што довело и до онлајн напади и непријатни ситуации.
Поради тоа покренала судска постапка против државата, барајќи забрана за понатамошно користење на нејзиниот идентитет и обештетување поради злоупотреба на лични податоци.
Албанските власти тврдат дека не направиле ништо незаконско и наведуваат дека проектот е дел од поширока дигитална реформа со која се сака да се намали политичкото влијание во постапките за јавни набавки.
Премиерот Еди Рама претходно изјави дека вештачката интелигенција треба да помогне јавните тендери да станат „100 проценти ослободени од корупција“. Диела првично била развиена како дигитален помошник на државните сервиси, но подоцна добила симболична министерска функција – потег што владата го претстави како технолошка иновација, а критичарите како политички спектакл.
Деск

