Авион на норвешката авиокомпанија Norwegian Air Shuttle, кој летал на линијата Осло – Дубровник, бил принуден да изврши вонредно слетување на аеродромот во Виена откако за време на летот напукнал еден од прозорците.
Летот DY1922 полетал од Осло во 6:45 часот, а слетувањето во Дубровник било планирано околу 9:40 часот. Сепак, по забележувањето на оштетувањето, екипажот, следејќи ги безбедносните процедури, одлучил да го пренасочи авионот кон Меѓународниот аеродром во Виена, каде што леталото безбедно слетало.
Станува збор за авион Boeing 737-800, стар нешто помалку од 12 години. Според хравтските медиуми, на патниците треба да им биде обезбеден заменски авион со кој во текот на попладневните часови ќе го продолжат патувањето кон Дубровник.
Иако ваквите случаи се ретки, авионските прозорци се изработени од повеќеслојни материјали, па дури и при оштетување на еден слој, безбедноста на кабината не е веднаш загрозена. Сепак, според меѓународните воздухопловни процедури, ваков дефект бара итно слетување и детална техничка проверка.
Овој инцидент потсетува на драматичниот случај од пред неколку недели, кога на друг патнички авион за време на лет од Солун кон Мемингем, дојде до оштетување на прозорец, при што еден патник од Србија делумно беше извлечен низ отворот поради силната декомпресија. Благодарение на брзата реакција на останатите патници и екипажот, тој беше задржан и спасен, а авионот принудно слета без човечки жртви. Настанот тогаш повторно го отвори прашањето за безбедносните стандарди и одржувањето на патничките авиони.
Во најновиот случај со летот за Дубровник нема информации за повредени патници или членови на екипажот, а инцидентот завршил без посериозни последици благодарение на навремената реакција на пилотите.

