Седмица тешка над 1,2 милиони евра падна синоќа на Лото, а добитникот го уплатил ливчето во Кавадарци, соопшти Државна лотарија. Ова е втора најголема добивка во историјата на Македонија, откако во 2024 година охриѓанец доби 1,7 милиони евра.
Веста дека добитното ливче било уплатено во Кавадарци и дека најверојатно добитникот е кавадарчанец, предизвика еуфорија во Тиквешијата. На социјалните мрежи и на страниците на локалните медиуми, граѓаните оставаат пораки со честитки до новиот милионер, со желба да си ги троши парите во добро здравје, но и со совет дека најдобро ќе му биде да остане анонимен.
-Троши си ги паричките и трај си. Ако се кажеш кој си, пред врата ќе ти дојдат заборавени пријатели и роднини до десетто колено. Многумина кои ти го заборавиле телефонскиот број, пак ќе ти го најдат, за да можат да земат некое делче од колачот. Во време кога и за сто евра можат да ти дојдат разбојници на врата, најдобро е никој да не те знае кој си, коментираат кавадарчани.
Околу тоа кој е добитникот, се уште нема официјална информација, иако уште од синоќа во градот се шпекулираше со неколку можни имиња. Според едни, добивката заминала во рацете на млад брачен пар, а според други пак, се работело за пензионер. Сепак, од Државна лотарија ќе го објават името на добитникот, единствено со негова дозвола, како што беше пракса и во минатото.
Како потсетување, кога пред две години се падна највисоката седмица во земјава, охриѓанецот кој доби 1,7 милиони евра реши да остане анонимен. Тогаш многумна се согласија со неговата одлука, ставајќи акцент на лична заштита, но и заштита на семејството, поради страв од кражба, но и поради заштита од ,,блиски” луѓе кои веднаш штом намирисаат пари, можат да започнат со барање на позајмици.
Инаку, ова е втора седмица на Лото во Тиквешијата. Во 2017 година среќниот добитник кој ја освои премијата беше од Неготино и доби шест милиони денари, односно нешто помалку од 100 илјади евра. Тогаш среќниот неготинец излезе во јавност и ни изјави дека играл Лото со години наназад. Стануваше збор за семеен човек кој кажа дека парите ќе ги искористи за потребите на семејството, а дел од средствата донираше за купување на медицинско помагало на дете од градот кое беше соочено со тешка здравствена состојба.
Вики Клинчарова
ТРОШИ СИ ГИ ПАРИЧКИТЕ И ТРАЈ СИ: КАВАДАРЧАНИ СО СОВЕТИ ЗА НОВИОТ МИЛИОНЕР КОЈ СИНОЌА ДОБИ СЕДМИЦА НА ЛОТО
2 Mins Read

