Нов успех за 11-годишниот гениј по математика, Македон Димитровски од Тетово! Речиси да нема месец во годината, а малиот математичар да не се закити со златен медал од домашен или пак меѓународен натпревар.
За последниот златен медал од натпреварот ,,Математика без граници” информираа неговите родители пред два дена, а пак минатиот месец, тој исто така на меѓународниот турнир ,,Математика без граници” ја донесе во Македонија златната медала од зимската сесија.
Пред крајот на декември пак, Македон постигна исклучителен успех освојувајќи златен медал на Германската математичка олимпијада, а успехот за него беше уште поголем, заради тоа што е обезбеден со максимален број на бодови.
Со тој резултат, младото момче обезбеди пласман на суперфиналето во Франкфурт, кое ќе се одржи во мај годинава.
Уште од најрано детство Македон бил желен да стекнува нови знаења. Во постаро интервју неговиот татко Владимир раскажа дека кога го запишувале во училиште, на тестот кај психолог веднаш им било понудено нивниот син да се запише во второ или трето одделение, но тие не прифатиле затоа што сметале дека е најважен емотивниот развој.
Деск

