Ширум поранешна Југославија беше позната како вечна девојка, поради својата младоликост, а зад себе остави плејада од популарни шлагери кои и донесоа голема слава. Интересна за јавноста, како поради својата кариера, така и поради приватниот живот, за кој неретко се пишуваше. Годинава во октомври се навршува една деценија од смртта на Љупка Димитровска (1946 – 2016), македонската пејачка која изгради успешна кареира во Хрватска, каде живееше последните 40-тина години од својот живот.
Родена и растена во Скопје, го сврте вниманието на јавноста кога во 1968 година, во дует со Зафир Хаџиманов (1943-2021) ја отпеа песната ,,Срамежливи луѓе” на Александар Џамбазов на првиот Скопски Фестивал, и го освоија првото место. Уште тогаш во естрадните кругови беа актуелни приказните за нејзината голема љубов кон Зафир, која на крај не била возвратена.

-Беше скршена бидејќи Зафир започна да излегува со друга девојка, разочарана замина во Загреб, го оперираше носот, од црнокоса стана русокоса, и набргу, на само 22 години се омажи за хрватскиот композитор Никица Калоѓера, е приказната која се прераскажува за неа. Токму авторските композиции на Калоѓера, во нејзина изведба, и донесоа големи успеси и популарност низ цела Југославија.
Со него ја добија ќерката Ника, доктор по професија, и имаа хармоничен брак. Заедно поминаа 38 години, се до неговата смрт во 2006 година.
Во Македонија, Љупка остави безвременски хит, песната ,,Ѕвона ѕвонат” со која победи на Макфест во Штип во 1990 година. Песната за жена која била оставена од саканиот, по што стапила во брак со друг човек, многумина од естрадата кои беа запознати за нејзината љубовна приказна со Зафир, претпоставија дека всушност му е посветена нему, како сага за неостварената љубов од младоста.
Веднаш по нејзината смрт по тешко боледување во 2016 година пак, Зафир ни изјави дека многу му е жал, и дека своевремено со Љупка биле многу блиски.
В.К.

