Денес, по шест дена штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе, Дејан Јанков, сопруг на исчезнатата Злата, во исклучително тешка состојба со возило на итната медицинска помош е хоспитализиран.
Веста за ВИКИМЕДИА ја соопшти неговиот брат, кој во овие шест дена и ноќи беше единствениот кој беше покрај него.
-Уште пред два дена на Дејан не му беше добро, но денес, по шест дена штрајк со глад тој започна да се тресе, падна и додека беше во таква, исклучително лоша сосотојба, јас повикав итна помош.
За целото време, само првиот ден од полициската станица дојде началник да разговара со него, и му предложи да разговара и со началник од штипската полиција. Дејан одби разговор, бидејќи бара конкретни одговори за тоа каде е неговата сопруга и зошто истрагата нема апсолуто никаков напредок речиси две години.
После тоа, никој ниту го погледна, ниту пак дојде да разговара со него. За целото ова време, не дојде ниту лекарска екипа, да го проверат, да видат како му е на овој човек чиј живот веќе е загрозен. Како да не постои! Крајно сме разочарани од системот, од институциите, од луѓето, вели братот на Дејан.
Додава дека семејството е загрижено, и сега, откако децата на Дејан се оставени без мајка, на која не и се знае судбината од 16-ти јуни 2024 година, стравуваат дека можат да останат и без татко.

-Игнориран, одминуван и невидлив, како да не постои! Што треба човек да направи повеќе, за да го сврти вниманието на институциите и на јавноста, за на овој случај да му се посвети внимание и да се започне со сериозна работа? Цело едно семејство е уништено, а настанот минува со еден неверојатен игнорантски однос од страна на надлежните институции, па дури и од медиуми, од граѓански здруженија и организации, од сите! Треба ли брат ми да почине, овде на улица?
Бараме итна реакција од Минсистерството за внатрешни работи, бараме сериозен пристап и ажурирање на истрагата за исчезнувањето на Злата, во која очигледно од самиот почеток имаше пропусти, порача Јанков.
Вики Клинчарова

